Речиси да нема репрезентација кој не се соочува со проблеми во пресрет на Европското првенство во кошарка. Бројни ѕвезди од НБА и Евролигата ќе отсуствуваат од репрезентативни обврски, повеќето се повредени, но има и такви кои одбиле, односно не добиле право за настап од своите клубови. Исклучоч се Летонија, Грузија, Израел и Унгарија, кои најверојатно ќе играт со најсилни можни состави.
Актуелниот европски првак, репрезентацијата на Шпанија важи за главен фаворит на првенството, и би било вистинско изненадување доколку не ја одбрани титулата, но тоа е само затоа што „црвената фурија“ има огромен број на квалитетни кошаркари. Сепак, Шпанија ќе биде послаба без повредените Серхио Љуљ, Виктор Клавер и Пау Рибас, додека Фелипе Рејес, Руди Фернандез, Серж Ибака и Никола Миротиќ одлучија да одмораат, а треба да се напомене и Хосе Калдерон, кој се повлече од репрезентацијата минатата година.
Нашиот северен сосед, репрезентацијата на Србија е значително ослабена, во најлош случај дури седум кошаркари од ростерот кои во Рио го освоија среброто, ќе отсуствуваат од првенството, а најголем хендикеп е отсуството на капитенот Милош Теодосиќ. Тео не игра поради повреда, од исти причини нема да играат и Марко Симоновиќ и Мирослав Радуљица. Александар Ѓорѓевиќ ќе биде и без Никола Калиниќ и Немања Недовичќ, а дефинитивно нема да настапи и откритието од минатогодишната сезона во НБА-лигата, Никола Јокиќ. Немања Бјелица се уште не е во тимот, додека Стефан Марковиќ стави крај на репрезентативната кариера.
Некоплетен ќе биде и вицешампионот Литванија. Голема е веројатноста дека ќе играат без најдобриот литвански кошаркар вон НБА-лигата, Паулиус Јанкунас, како и без синот на легендарниот Арвидас Сабонис, Домантас Сабонис, а малерозна е и повредата на Лукас Лекавичиус за време на подготовките.
Освојувачот на бронзениот медал од минатогодишниот Евробаскет, националниот тим на Франција има повеќе проблеми дури и од Србија. „Триколорите“ ќе мора да се навикнат на живот без Тони Паркер, кој стави крај на репрезентативната кариера по ОИ во Рио, но селекторот Венсан нема да смета и на Никола Батум, Руди Гобер, Фабиен Козер, Тимоти Луваву, Микел Желабала, браќата Пијатрус, Жоаким Ноа и Шарло Кахуди.
Без своите најголеми ѕвезди ќе биде и репрезентацијата на Грција. Првиот кошаркар на Милвоки, Јанис Антетокумпо не е фит и ќе го пропушти првенството, а во тимот на нашиот јужен сосед ќе недостасува и Василис Спанулис. Вечниот заменик на Спанулис, Никос Зизис исто така нема да игра, како и Коста Куфос.
Хрватската репрезентација се справува со проблеми околу центарските позиции. Недостигаат талентираните Анте Жижиќ и Ивица Зубац, како и искусниот Миро Билан. Марио Хезоња одлучи да остане во Америка и да се посвети на индивидуално усовршување, а нема да настапи и Дамјан Рудежа. Анте Томиќ се откажа од националниот дрес пред две години, додека Лука Бабиќ и Рок Стипчевиќ се повредени. Во тимот недостасуваат и натурализираните Дoнтај Доминик Дрејпер и Оливер Лафајет.
Во големи проблеми е и тимот на Италија. Данило Галинари ја скрши раката во еден пријателски меч против Холандија, откако одлучи физички да се пресметува со противниците. Андреа Барњани беше благодарен на селекторот за повикот во репрезентацијата, но смета дека нема доволно време да се подготви, па одлучи да не настапи. Алесандро Џентиле имаше сезона за заборав и нема да биде дел од ростерот на селекторот Месина.
Турците на свое тло ќе играат без двајцата најдобри, Ерсан Илијасова и Омер Ашик. Поради повреда ќе отсуствувва Биркан Батук, а под знак прашалник е и настапот на Енес Кантер.
Репрезентацијата на Словенија ќе биде без Зоран Драгиќ, Ален Омиќ, Јака Клобучар и Мирза Бегиќ, а приказната околу враќањето на Еразем Лорбек во тимот згасна.
Германската репрезентација ќе натапи без легендата која се повлече од националниот тим, Дирк Новицки, а ќе бидат без Мајк Цирбес, Пол Ципсер, Макс Клебер, Тибор Плајс.
Русија ќе биде без тројца кошаркари кои се повлекоа од репрезентацијата: Сергеј Карашев, Виктор Хријапа и Сергеј Моња.
И Црна Гора нема да биде со најсилен состав. Го нема Милко Бјелица, како и Никола Пековиќ кој веќе со години не игра кошарка, а поради повреда на стопалото од тимот отпадна и Немања Радовиќ.
Чешка ќе биде без Јан Весели, Полска без Марин Гортат и Масиеј Лампе, Финка без Хано Мотола, Украина без Кирил Фесенко, Белгија без Мет Ложевски, а Велика Британија без Луол Денг и Џоел Фриленд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА