По поразот од Веспрем, Металург вечерва (17.45 ч.) во „Борис Трајковски“ го очекува уште еден тежок дуел во регионалната СЕХА лига против хрватскиот шампион ППД Загреб.
Хрватите ќе останат неколку дена на гости во Скопје поради врзаното двојно гостување, прво кај Металург во СЕХА, а в сабота против Вардар во натпреварот од групната фаза во Лигата на шампионите.
Хрватскиот тим во првиот дуел со Металург славеше со 29-20 и е во улога на фаворит и за денешната пресметка во Скопје. Тоа го потенцира и хрватскиот стратег на клупата на Металург, Лино Черавр.
„Играме против ППД Загреб кој е фаворит во овој дуел. Нашата цел е да се прикажеме во подобро светло по гостувањето во Унгарија. Ги почитуваме противникот , се знае нивниот квалитет, имаат ѕвезди како Шебетиќ, Мандалиниќ, Игор Вори, браќата Валчиќ…Се надеваме дека ќе ја имаме поддршката од нашите навивачи на домашен терен. Сите ракометари се здрави, само Гуглета има проблем со рамото. Од друга страна, Немања Младеновиќ се враќа во форма и полека си го враќа своето место во ростерот. Фокусирани сме на дуелот со Загреб. Имаат цврста одбрана, играат 6-0 и 5-1. Ќе се обидеме да го скршиме нивниот ритам со Кузмановски во нашата одбрана“ – изјави Червар во пресрет на денешниот меч.
ППД Загреб, според најавите, ќе игра без повредените Шебетиќ и Јотиќ, но и во некомплетен состав, гостите ја имаат фаворитската улога. Тренерот Силвио Ивандија, сепак предупредува на внимателност и очекува силен отпор од спротивната страна.
„ Играме против добро познат противник. Моменталната ситуација на табелата не ја одразува реалната вредност на екипата, бидејќи Металург сезонава беше убедливо поразен само на два натпревари. Ние покажуваме одредени слабости во играта кога играме на гостински терен. Очекувам да прикажеме добра игра и се надевам на позитивен резултат“ – истакнува Ивандија.
Металург моментно е на 8.место на табелата со 10 бода од 14 одиграни натпревари. ППД Загреб е во кругот на фаворитите што ќе играат на завршниот Ф4 турнир. Хрватскиот првак моментно е на 4.место со 28 бода од 13 одиграни натпревари, четири помалку од Вардар и од Веспрем кои се на првите две позиции со 44 односно 41 бод.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА