Вардар во „сопствена замка“: Дали е можно до 31. јануари да се избегне казната од УЕФА!?

Најтрофејниот македонски клуб се соочува со крајно реална можност првпат во својата историја да добие суспензија од УЕФА поради заостанати долгови. Според информациите на ЕКИПА, поради постоечкиот долг на ФК Вардар кон Управата за јавни приходи за неплатени даноци „црвено-црните“ се со блокирана можност за регулирање и на долговите утврдени од УЕФА а кои мора да се подмират до 31. јануари за да се избегне казната од Европската куќа на фудбалот. Па, Вардар сега е паднат во „сопствена замка“ од која во моментов се бара излез за да се избегне срамот во Европа!

УЈП неодамна објави листа на должници меѓу кои е и ФК Вардар со долг од 321.433 евра за неплатен данок на добивка и персонален данок. Сето тоа се врзува сега и со можноста за регулирање на долговите кои УЕФА бара да се подмират најдоцна до 31. јануари.

Како што е познато, УЕФА пред крајот на минатата година активираше условна казна за ФК Вардар од двегодишна суспензија на европската сцена доколку не ги регулира сите свои долгови до крајот на овој месец. Покрај тоа, дополнително „црвено-црните“ ќе мора да платат парична казна и од 100.000 евра.

Вардаровите фудбалери, пак, и покрај заостанатите плати за поголемиот дел од нив ги почнаа подготовките за пролетниот дел од шампионатот. Но, сосема е јасно дека играчки најтрофејниот македонски клуб ќе биде значително ослабен за продолжението на сезоната по заминувањето досега на шест фудбалери од минатогодишниот состав. А, веќе се најавуваат и нови заминувања!

Се вчитува...