„Домашна“ среда, Академија Пандев и Шкендија убедливи, Вардар сигурен

Вардар по две ремија се врати на победите, Академија Пандев продолжија да маршира триумфално, а и Шкендија за промена – победи. „Домашната“ среда ја комплетираа и Шкупи и Струга Трим Лум.

Вардар го совлада Борец со 2-0. Во третата минута со удар од 20 метри стрелаше Даниел Аврамовски за водство на „црвено-црните“, а Али Адем во 71.минута го постигна вториот гол за вардарци.

Академија Пандев беше уште поубедлива и со 4-0 ја совлада Македонија ЃП. Љупчо Дориев во 35.минута погоди за предност, три минути подоцна Ѓорѓи Стоилов зголеми на 2-0, а третиот погодок беше дело на Марко Рајковиќ во 63.минута, непосредно откако влезе во игра. До крајот погоди и Горан Томовски во 79.минута од мечот.

Ернест Ѓока од втор обид стигна до првиот триумф како тренер на Шкендија. Актуелниот првак славеше во Тетово против Силекс со 3-0. Хуан Фелипе во 31.минута со фантастично изведен слободен удар донесе предност за Шкендија, а триумфот го потврди Гледи Мици во 57.минута по супер-асистенцијата од Агим Ибраими. Третиот погодок беше автогол на Благојевиќ кој не реагираше најдобро во 78.минута и ја затресе мрежата по корнерот на Агим Ибраими.

Шкупи со 2-0 го совлада Работнички. Ниту промената на тренерската позиција не донесе резултатска промена за „романтичарите“. Бесар Исени во 36.минута искористи едно невнимание во гостинскиот тим, влезе во шеснаесетникот и го совлада Шишковски за водство, а во вториот дел погоди и Сержињо.

Тој ја реализираше акцијата по десната страна, со одмерен удар од десетина метри во 75.минута.

Струга Трим Лум минимално ја победи Ренова со 1-0. Стрелец на победничкиот гол за стружани беше дефанзивецот Христијан Драгарски во 53.минута. Во завршницата домашните останаа со играч помалку.

ПРВА ЛИГА, 11.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – МАКЕДОНИЈА ЃП 4-0

ВАРДАР – БОРЕЦ 2-0

ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС 3-0

ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ 2-0

СТРУГА ТРИМ ЛУМ – РЕНОВА 1-0

Табела: Академија Пандев 24, Вардар 24, Шкупи 16, Македонија ЃП 16, Шкендија 14, Струга ТЛ 14, Ренова 13, Силекс 12, Борец 11, Работнички 10.

 

Се вчитува...