Диoго Жота: Татко ми ме запиша на пливање, два дена не престанав да плачам

Кога Ливерпул летово реши да плати 40 милиони евра за Диого Жота, многумина се сомневаа во изборот на новиот напаѓач кој требаше да го намали товарот што со години го носеа Салах, Мане и Фирмино. Сепак, 24-годишниот Португалец експресно им ги затвори устите на злобниците, игра извонредно и веќе има девет погодоци на своето салдо. Тој го привлече врз себе вниманието на фудбалската јавност, а во интервју за „Атлетик“ проговори и за своите почетоци во овој спорт.

„Кога имав 16 години, јас се уште плаќав за да играм фудбал. Имав среќа истите деца да играме заедно девет години, имавме одлична екипа во Гондомар. Денеска децата со 14-15 години веќе потпишуваат профи-договори, што е добро за да не се мачат како мене. Јас од самиот почеток сакав само една работа – да играм фудбал. Кога имав шест години татко ми ме запиша на пливање, два дена не престанаав да плачам. Барав да тренирам и пливање и фудбал, но беше невозможно бидејќи тренинзите беа во исто време. На крајот, сепак пресуди мојата љубов кон топката“, истакна Жота.

Тој им е благодарен на соиграчите за дадената помош и поддршка за време на адаптацијата по трансферот од Вулверхемптон.

„Првиот ден кога дојдов, Јирген Клоп ме пречека и разговаравме, ми објасни како функционираат работите во Ливерпул. Потоа, на секој од нас е да почне со тренинзи и со напорна работа да го убеди стручниот штаб да добие минутажа на теренот. Јас имав огромна помош и од соиграчите, морам да го истакнам капитенот Хендерсон, кој од првиот ден ми стави до знаење да му се обратам за се што му е потребно. Покрај него, тука се и Бразилците Фирмино, Фабињо и Алисон Бекер со кои говорам ист јазик и кои исто така ми беа од голема помош“, открива португалскиот голгетер во дресот на Ливерпул.

Се вчитува...