ТФТ ја прекина серијата од пет порази во сите натпреварувања триумфирајќи против Гостивар со резултат 81-73. Новиот македонски прволигаш одигра одличен меч, знаеше како да ги казни грешките на противникот и да стигне до победата. Гостиварци во првото коло загубија на гостувањето против Академија ФМП, вечерва повторно не беа на посакуваното ниво, јасен знак дека овој тим е далеку од ритамот во кој играше извонредна кошарка до моментот на прекин на ланската сезона.
Избраниците на Марјан Србиновски подобро го стартуваа мечот и поведоа со 8-16, но ТФТ набрзина се консолидираше, заигра далеку подобро во одбраната и првата четвртина заврши со резултат 18-18. Се играше израмнета кошарка на двете страни, а ТФТ беше првиот тим што посериозно се одлепи, поведувајќи со 48-39 во почетната фаза од третата четвртина. Србиновски побара тајмаут, Гостивар се разбуди и ја заврши четвртината со водство од 55-58, но „сините“ одиграа катастрофално во последните десет минути, го загубија овој дел од мечот со убедливи 26-15 и на крајот претрпеа пораз.
Харис и Хортон со по 19 поени беа најефикасни, 16 поени постигна Харисон. Главен фактор за поразот на Гостивар беа загубените топки, дури 25. Единствен што беше на посакуваното ниво во таборот на гостиварци беше центарот Тодоровиќ со 20 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА