Бунт во Барса – играчите не дозволуваат ново намалување на платите

Жоан Лапорта не може да крене глава од проблеми на стартот од новиот мандат како претседател на Барселона, откако неговиот претходник Бартомеу го доведе клубот на работ на амбисот поради огромните финансиски долгови на каталонскиот гигант.

Тој се уште не може да го официјализира новиот договор со Меси бидејќи мора да го намали буџетот за плати, а откако не успеа да продаде дел од најплатените играчи (Кутињо, Гризман, Дембеле…) сега се обиде да издејствува намалување на платите кај постојните играчи. Шпанските медиуми јавуваат дека во изминатите денови дошло до средба меѓу Лапорта од едната и Пике, Бускетс, Алба и Роберто од другата страна, при што од фудбалерите било побарано да се откажат од 40% од примањата за наредната сезона, кои би им биле вратени во иднина.

Одговорот на играчите бил дециден – нема шанса такво нешто да се случи. Фудбалерите сметаат дека доволно му помогнале на клубот кога прифатија значително намалување на платите минатата сезона. Воедно, играчите се децидни дека ако клубот немал пари за плати, не требало да носи толку играчи со високи примања (Агуеро, Депај, Гарсија), па останува да се види какво решение ќе најде Лапорта за излез од оваа непријатна ситуација.

Се вчитува...