Поранешниот тренер на Металург и селектор на Македонија, Лино Червар, во разговор за хрватски „Индекс“ го коментираше настапот на македонската селекција во првото коло на Европското првенство 2022.
Според Червар македонската селекција повеќе од успешно парирала на големиот фаворит Словенија затоа што промовира и верува во едни свои нови сили кои имаат желба за докажување а кои досега биле заборавени. Како што истакнува Хрватот, погрешната политика на Вардар кога беше предводен од Русинот Сергеј Самсоненко го уназади македонскиот репрезентативен ракомет.
„Знаете зошто Македонците беа на чекор до сензација? Бидејќи против екипа, составена од фантастични интернационалци играа со второлигашки ракометари, но млади и мотивирани. Почнаа натпревар со момци кои никогаш не играле толку важен натпревар, а до самиот крај ја држеа в раце Словенија. Тоа е исправен пат. Така се работи“ – вели Червар и дополнува:
„Додека бев во Македонија, постоеја две страни. Мојата беше да се потпреме на деца, на наши клинци од кои ќе формираме играчи и луѓе. И постоеше вардаровата страна. Дојде богат човек од Русија, купи се што можеше да се купи и ја освои Лигата на шампионите. Но, што му остави тој на македонскиот ракомет? Ништо, една голема нула. Таква стратегија може да донесе краткорочно задоволство, но тука нема никаква иднина“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА