Хрватска во големото екс-ју дерби во Сегедин ја совладаа Србија со резултат 23-20, со што нашиот северен сосед сега се наоѓа на раб на елиминација од шампионатот. Пресудна се покажа беспрекорната хрватска одбрана на чело со голманот Шуњиќ, која ја спушти Србија на 20 постигнати гола, стигнувајќи до заслужена победа. Двете селекции одиграа извонредна одбрана, по 20 минути резултатот гласеше 7-7, а Хрватска првпат се одлепи пред самиот крај на полувремето, кога по водството на Србите од 9-8 „коцкестите“ постигнаа три гола во низа.
Тоа ја зголеми самодовербата кај „коцкестите“, кои заиграа уште помотивирано во вторите 30 минути, дополнително ја зголемија предноста и се погрижија овој меч да не влезе во неизвесна завршница. Србија сега за пласман во следната рунда ќе мора да ја совлада фаворизираната Франција, со триумф на Србите во последното коло би се пласирале во главната фаза, а Хрватска и покрај денешната победа би била елиминирана поради убедливиот пораз од „триколорите“ во првото коло. Шуњиќ бранеше одлично, додека во нападот најефикасни беа Мартиновиќ и Чупиќ со по шест погодоци.
Големо изненадување приредија ракометарите на Русија, кои во Братислава го зедоа скалпот на фаворитот Норвешка (23-22). Норвежаните водеа само петнаесетина минути, по што руските ракометари направија пресврт, на одмор заминаа со водство од 14-12, по што во вториот дел благодарение на цврстата одбрана стигнаа до победата. Житников ги предводеше Русите со седум постигнати гола, исто толку за Норвешка постигна Бартхолд, а за одбележување е слабото издание на Сандер Сагосен, кој реализираше скромни за него четири погодоци.
Шпанија во дербито на групата Е ја доби битката со Шведска со убедливи 32-28. „Црвената фурија“ настапува без неколку важни играчи на овој шампионат, но и со ослабен состав успеа да го земе скалпот на скандинавскиот гигант. Како клучно се покажа првото полувреме што Шпанците го добија со 17-14, предност што ја одржуваа до самиот крај. Швеѓаните во неколку ситуации доаѓаа до „минус еден“, но немаа сили за целосен камбек, на крајот заслужено претрпувајќи пораз.
Канељас и Фернандез со по седум гола беа најефикасни во шпанскиот табор, додека Ване со осум погодоци беше стрелец број еден кај Швеѓаните.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА