Лазаров: Колку и да се трудевме Данска е машинерија која гази

ЕКИПА ВО ДЕБРЕЦЕН
Стеван Цаневски

Селекторот Кире Лазаров по натпреварот со Данска ги сумираше впечатоците, кажувајќи дека и покрај доброто отворање, на крајот Данците ја вклучиле „машината“ и на крајот сосема заслужено триумфирале.

„Едноставно сакам да се подготвувам за натпревар со големи противници. Но, колку и да се трудев ова беше невозможна мисија да дадеме поголем отпор, и покрај тоа што во големиот дел од мечот дадовме отпор и тоа со неафирмирани играчи. Овие минути што им ги дадовме на овие играчи, можеби многу ќе им значат.  Треба во иднина да ги пронајдеме 16 до 20 играчи кои би служеле за Македонија. Друго е кога ќе видите некој играч во македонско првенство, а друго е истиот играч тука на ЕП против Данска. Тука треба да ни биде јасна сликата на кого да сметаме, за да дојдеме до тие 20 играчи. Покажавме дека можеме да бидеме конкуренти против Данска која е една машионерија која гази. Имавме и пех рано се повреди и Кузмановски. И некои нивни резерви беа најдобри играчи и тоа кажува за каква селекција станува збор.“, рече Лазаров.

Потоа го сумираше целото првенство, и кажа дека е делумно задоволен, и дека не им замерува на играчите.

„Делумно сум задоволен, важно е да оформиме чиста слика. Многу ни значи ова ЕП, видовте дека Црна Гора ја изненади Словенија, сепак, сме имале два силни противници, мислевме дека со Црна Гора ќе победиме. Ќе го сфатиме ова како позитивно искуство. Не им замерувам играчите, одработивме екстра подготовки. Во тие 24 дена трениравме напорно. Но, некогаш не може да одите против проблемите. Најверојатно требало ова да се случи, со насмевка го прифаќаме, со кисела насмевка“, изјави селекторот.

Дали ќе го видиме Лазаров како играч во баражот?

„Ако сум здрав во баражот, ќе играм. Моето присуство значи. Јас се подготвував за ова ЕП, но мене ми е жал што не настапив. Се распаднавме како кула од карти ден по ден. Одеднаш почна да се руши се, и некои добија шанса да играат на големо натпреварување. Треба да анализирам и да одберам 20 играчи на кои ќе сметам во баражот“, заврши Лазаров.

Се вчитува...