Најголемата украинска фудбалска легенда, Андреј Шевченко веднаш по мечот во Скопје во кој Украина со помалку нереален пресврт дојде до победа во квалификациите за ЕП 2024 се огласи со силна поддршка и серија пофални зборови за репрезентативците на својата земја… Најголемата македонска фудбалска легенда, пак, Дарко Панчев со силна поддршка за македонските фудбалери кои, како што вели, покажаа уште еднаш дека може да парираат во вистинска смисла на зборот на најголемите европски репрезентации.
Во разговор за ЕКИПА, Дарко Панчев нагласува дека македонските фудбалери нема од што да се срамат… Начинот на кој се загуби од Украинците е сплет на околности кој можеби ретко се случуваат на фудбалските терени, но треба да биде добра поука за секој од идните наши дуели во квалификациите за ЕВРО 2024.
„Еден збор кој единствено може да се каже за натпреварот со Украина е – штета. Навистина штета. Одигравме одлично, фантастично полувреме. Доминиравме на теренот, делувавме моќно, квалитетно и офанзивно. Топката се движеше брзо и директно кон противничкиот гол. Сите играчи дадоа свој нескриен допринос за едно такво издание, но Барди и Елмас мора да се издвои дека беа прволикласни низ првите 45 минути. Елмас сето тоа го круниса и со гол вистинско ремек-дело. Големата украинска репрезентација, која објективно ја понесе фаворитската улога, едноставно не постоеше на терен. Ударот на Алиоски во финишот на првиот дел заслужуваше да резултира со гол, и тоа веројатно ќе беше презначајно за конечниот резултат. И во второто полувреме одлично почнавме во првите 15 минути, мудро одржувајќи го ритамот и контролирајќи го односот на силите на терен“ – вели Панчев и дополнува:
„Но, ете, за жал, одеднаш не снема на терен на нашиот најголем стадион. Сликите кои ми минуваа низ глава на полувремето за тоа со каква самодоверба ќе им се спротиставиме на Англичаните одеднаш исчезнаа. Ако отидевме на пат со триумф против Украина и максимален број бодови по првите две кола, сигурен сум големиот фаворит во Манчестер ќе беше поставен во една сосема поинаква улога. Во една таква ситуација, погледнато и од психолошки аспект, ми се чини ние ќе бевме тие кои ќе носевме максимално позитивна енергија“.
Во секој случај, и сега, и вака пред селекторот Боби Милевски и репрезентативците е нов огромен предизвик. Англија е сама по себе огромен мотив за нови докажувања…
„Немам намера да коментирам кои се причините за еден таков пад и пресврт во резултатот. Тоа секако ќе го оставиме на стручниот штаб и фудбалерите. Иако времето за анализи и корекции е многу мало, се надевам дека ќе пронајдат начин и ќе соберат сили да се претстават на „Театарот на соништата“ во вистинско добро светло и ќе потврдат дека оној триумфален сон уште живее во нив. Мислам дека се способни за такво нешто затоа што тоа го покажаа и 60 минути против Украина. Сега е секако момент да им дадеме искрена и целосна поддршка и да се воздржиме од злобни и неправедни коментари и инсинуации кои, за жал, многу често се случуваат после нашите натпревари. Главата горе момци. Со среќа во Манчестер и се надевам дека ќе не израдувате со добра игра и резултат“ – истакнува Дарко Панчев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА