ЕКИПА во Манчестер,
Владимир Булатовиќ
Македонските репрезентативци и во Манчестер, со синоќешното пристигнување на Островот во очекување на големата пресметка со Англија, нескриено носат товар тежина поради начинот на кој се дозволи пораз од „веќе добиената“ Украина.
Факт е дека психолошки не може да се избрише така брзо трагата од еден таков пад во играта и непосакуван пораз, но јасно е дека ќе мора сето тоа да се остави зад себе и максималниот фокус да се насочи кон дуелот со една од најсилните светски репрезентации.
Некако најголемо разочарување по пресметката со Украинците беше воочливо во очите на Енис Барди. Сега, еден од најдобрите македонски фудбалери вели дека мора да се најде мир кај секој од репрезентативците и, преку нов лист, комплетно мотивирано да се пристапи кон дуелот на „Олд Трафорд“.
„Многу важен натпревар за нас е овој со Англија од секаков аспект. Покажавме еден час со Украина дека можеме да играме против секого на врвно ниво. Значи гледаме дека тенка е линијата меѓу некој навистина врвен резултат и неуспех. Само од нас зависи што сакаме да бидеме, што сакаме да добиеме. Знаеме да играме фудбал, но мора да бидеме до крај целосно концентрирани и со навистина огромно на срце од терен. Само така ќе успееме. Верувам дека ќе извлечеме поуки од она што се случи против Украинците, а против Англија ќе биде една поинаква приказна за нас“ – вели Енис Барди.
Натпреварот меѓу Англија и Македонија на „Олд Трафорд“ во Манчестер се игра утре со почеток од 20:45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА