По ново чудо во колевката на фудбалот – Време ли е за наше ново „фудбалско воскресение“!?

ЕКИПА во Манчестер,

Владимир Булатовиќ

Македонија по оној негативен настап во Лигата на нациите, без сомнение, низ квалификациите за ЕВРО 2024 очекува и посакува вистинско заживување на сениорскиот репрезентативен фудбал, онака како што го познаваме се до баражот за пласман на СП 2022 и пресметките со Италија и со Португалија во Палермо односно Порто.

Нескриен е фактот дека кога зборуваме за национален фудбалски успех секогаш се мисли на успехот на сениорската репрезентација Затоа и веројатно македонскиот фудбалски вљубеник толку го боли начинот на кој се доживеа поразот од Украина… Затоа и толку силно е посакувањето кај секој македонски фудбалски фанатик вечерва од 20:45 часот на култниот „Олд Трафорд“ да се дојде до уште едно чудо кое силно би одекнало во Европа. По оние победи над Германија и Италија, Македонија е желна за уште еден голем фудбалски „скалп“.

Се чини, и судбината некако како да сакаше, токму по еден резултатски помрачен период на нашиот репрезентативен фудбал, кој започна со ланскиот јунски циклус, ЕВРО-квалификациите токму во овој момент да ни ја подарат Англија, селекцијата од која досега немаме пораз на Островот. Факт е и дека многумина желни за позитивни сениорски резултати ова гостување во „колевката на фудбалот“ го гледаат како огромна можност за наше ново „фудбалско воскресение“!

„Ретко е за Македонија да игра вакви натпревари, на вакви стадиони… Убаво е да играш на легендарниот ‘Олд Трафорд’, на кој не ти треба некоја посебна мотивација, туку – да излезеш и да покажеш се што знаеш. Ние сме очигледно таква екипа, која игра големи натпревари и сака да прави чуда. Се надевам дека цела нервоза која ја чуваме од мечот со Украина, сега ќе ја префрлиме на теренот во Манчестер“ – вели капитенот Стефан Ристовски, пред денешниот дуел со Англичаните.

И селекторот Боби Милевски е свесен дека од овој дуел може само да се добие, затоа што и онака резултатски не може многу да очекуваме против светскиот гигант. Затоа е повикот играчите да уживаат вечерва на „Театарот на соништата“.

„Не чувствуваме никаков притисок затоа што играме против една моќна селекција како Англија. Верувам дека момците ќе уживаат и успешно ќе се покажат против можеби едни од најдобрите во Европа. Не треба да трошиме зборови за квалитетот на Англија, дали индивидуален или тимски, дали се работи за репрезентативниот или клупскиот фудбал на Островот. Нас ќе ни биде чест и задоволство да одиграме против селекција како Англија. Секако, уште поголемо задоволство ќе ни биде ако дојдеме до позитивен резултат на крај“ – вели македонскиот селектор.

Но, и селекторот на Англија, Герет Саутгејт не штеди пофални зборови за Македонија…

„Ја видовме Македонија со Украина како одигра еден час, имаат неколку играчи кои се одлични индивидуалци со извонредни индивидуални квалитети, кои играат во големо европски клубови, ама пред се Македонија е тим кој функционира добро. Македонија е селекција која има педигре од минатите квалификации, играа со Португалија во завршен меч за пласман на СП и нас не не чека меч како во петокот против Малта, туку меч кој е ниво погоре со многу поголем интензитет и квалитет и наше е да одиме на победа. Нас не чека тежок меч и ние сакаме тука да одиграме добар меч, сакаме да ги израдуваме навивачите. Не доаѓаме многу често на северот на Англија, па затоа ќе се потрудиме да им пружиме емоции и радост, знаеме каква е тука атмосферата. Целта е да играме добро, навивачите да бидат задоволни. Тие се извонредни, прават вистинска атмосфера и тоа е дополнителна возбуда и за фудбалерите. Секако, Македонија ќе сака добро да одигра затоа ќе мора да сме внимателни“ – истакнува Саутгејт.

А, Македонија и тоа како добро се сеќава на претходните две чуда против Англичаните на гостински терен. Ремито (2-2) од Саутемптон во 2002 година и ремито (0-0) од Манчестер во 2006 година. Можеби сега е времето чудото да биде со вкусот на победата!

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП2024 (ГРУПА Ц – 4. коло)

18 ч: УКРАИНА – МАЛТА

20:45 ч: АНГЛИЈА – МАКЕДОНИЈА

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...