„Пелистерци“ пред ГОГ: Сакаме со победа во ЛШ да го честитаме роденденот на „Чкембари“

Ракометарите на Е. Пелистер продолжуваат во пеколниот ритам натпревари, па по драматичното реми со Алкалоид се насочуваат кон следниот европски предизвик – домашниот меч против дански ГОГ.

Охрабрени по добрите изданија на првите два меча (триумф над Загреб и пораз во финишот од ПСЖ), битолчани најавуваат дека ќе сторат се за да стигнат до триумф, а мотив плус им е жалбата таа победа да биде посветена на верните „Чкембари“, навивачката група која слави 40 години од своето постоење.

„Се подготвуваме максимално. Играме против млада екипа која што игра скандинавски ракомет. Сме се соочиле со такви екипи, и сме минувале и добро и лошо. Ќе го дадеме нашиот максимум, како што беше на натпреварите со Загреб и ПСЖ. Сакаме да извојуваме победа и да ги израдуваме нашите фанови особено „Чкембари“ кои што слават роденден од 40 години. Сите веруваме во чуда и на натпреварите даваме по 200% и секогаш ќе се бориме до крај – до последните минути“, изјави левото крило Петар Атанасијевиќ.

Според Словенецот Нејте Цехте, клучно ќе биде со цврста одбрана да се неутрализираат нападите на данскиот состав, кој игра типично скандинавски брз ракомет.

„ГОГ Гудме има многу млад тим. Секоја година тие или ги продаваат или ги менуваат постарите играчи. Доаѓаат играчи од нивната академија и сите играат ист ракомет. Брзо играат, но мислам дека тоа во среда нема да им биде доволно. Нашата одбрана се надевам дека ќе спречи нивни лесни голови, да не дозволиме полуконтри и контри. Сакам да ги повикам навивачите, заедно да го прославиме нивниот роденден и со победа да го потврдиме напредокот“, истакна Цехте.

Мечот меѓу Е. Пелистер и ГОГ на програмата е утрвечер со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...