Вардар покажа сила и карактер, Пелистер слабости што беа казнети (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Вардар по четири порази во низа конечно го најде лекот за Е. Пелистер, по голема битка совладувајќи го вечниот ривал со 31-28, прва победа за Иван Чупиќ против битолчани по доаѓањето на хрватскиот стратег на клупата на „црвено-црните“.

Вардар покажа сила и карактер кога беше најважно, различни играчи преземаа одговорност во различни делови од мечот, а кога беше најважно блеснаа голманот Валач и Филип Талески, кои ставија печат на заслужениот триумф.

„Пелистерци“ покажаа слабости, осцилациите овојпат беа преголеми, а не помогнаа ниту одбранетите зицери на Митревски во второто полувреме. Недоволната иницијатива на бековската линија придонесе крилата да преземат одговорност, но Манасков се истроши пред самиот крај, додека Радивојевиќ исто така беше два пати запре од Валач во последните десетина минути.

Црна дамка остави огромниот инцидент на гостинските навивачи, кои фрлија чадна бомба кон соседната трибина, по што одговорните лица донесоа исправна одлука – за нив да нема место во салата до крајот на овој дерби дуел.

 

Се вчитува...