Се е подготвено за почетокот на ракометното лудило што ќе трае се до 1 февруари 2026, кога ќе биде познато која репрезентација ќе го носи епитетот европски првак се до ЕП 2028. ЕХФ ЕВРО 2026 ќе се одржува во три скандинавски земји, Данска, Норвешка и Шведска, селекции кои како ко-домаќини имаа автоматски билет за ова големо натпреварување, заедно со актуелниот европски првак Франција.
„Триколорите“ секогаш атакуваат на највисок пласман, но мисијата „одбрана на златото“ овојпат ќе биде уште потешка, особено ако се земе во предвид повредата и неиграњето на Ремили.
Нема дилема, апсолутен фаворит за златото е Данска, репрезентацијата што доминираше на последните Олимписки Игри и на СП 2025, а зимава ќе стори се за да ги обедини трите најважни трофеи во репрезентативниот ракомет. Присуството на Гидсел, Питлик… Нилсен на голот, но пред се беспрекорната ракометна машинерија „подмачкана“ од селекторот Јакобсен.
Македонија го одржува континуитетот настапи на европските шампионати, нашата национална селекција ќе биде дел и од овој континентален ракометен собир. Дел сме од групата со домаќинот Данска, потоа тука се и Португалија и Романија, а согласно пропозициите пласман во следната фаза обезбедуваат двете најдобри селекции од секоја група.
Шоуто може да почне, а една работа е загарантирана – врвен ракомет од денеска па се до големото финале закажано за 1 февруари.
ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА:
Франција – Чешка 18 часот
Шпанија – Србија 18 часот
Норвешка – Украина 20.30 часот
Германија – Австрија 20.30 часот
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

