Србија на Раул поразена од Шпанците, Франција броеше до 42 против Чешка

Раул Гонзалес не успеа како селектор на Србија да го земе скалпот на својата Шпанија, откако во премиерниот меч од ЕП 2026 во Хернинг „црвената фурија“ триумфираше со резултат 29-27. Пресудни се покажаа првите петнаесетина минути во кои Шпанците ги искористија серијата грешки на српските ракометари (Србите имаа и два промашени пенали во првите десет минути) за да се одлепат резултатски. Милосављев не беше во ритам, „црвената фурија“ го искористи тоа за на одмор да замине со водство од 19-15.

Србија ја подобри одбраната во вториот дел, прими само пет гола во првите 16 минути, но нападот беше далеку од посакуваниот ритам. Во последните десет минути се влезе со водство на Шпанија од 26-23, a при 26-24 Додиќ имаше шут за „минус еден“, но тој удар заврши директно во шпанскиот голман. Тоа беше и последна шшанса, следеа два гола во низа со кои Шпанците стигнаа до „плус четири“ (28-24), контролирајќи го резултатот до крајот и конечните 29-27.

Тарафета со шест гола беше најефикасен во шпанскиот табор, исто толку на спротивната страна имаше Којадиновиќ, додека по пет пати прецизни беа Илиќ и Ѓукиќ.

Франција ја оправда фаворитската улога против Чешка, рутински триумфирајќи со 42-28. „Триколорите“ останаа без Ремили, на овој меч беа и без помошта на повредениот Деска, но сепак немаа мака да ги прокнижат првите бодови. Французите отворија моќно, поведоа со 10-3 и 11-4, на полувреме имаа водство од 20-14, а во вториот дел и до двоцифрена предност од 27-17 со погодокот на Фабрегас. Остатокот од мечот беше само рутина, па Французите на крајот славеа со убедливи 14 гола предност.

Пранди, Ричардсон и Наи ги предводеа стрелците кај Франција со по шест погодоци, додека прв стрелец на Чешка во овој убедлив пораз беше Петр Широки, исто така со шест постигнати гола.

Во вториот меч од оваа група вечерва се среќаваат Норвешка и Украина.

Се вчитува...