Португалија покажа моќ, лесна победа над Романија

ЕКИПА во Хернинг,

Стеван Цаневски

Репрезентацијата на Португалија забележа триумф од 40-34 над Романија во првиот меч од нашата група што се игра во Хернинг. Португалците покажаа сила и квалитет, уште во првото полувреме практично ја осигураа победата, што им овозможи во продолжението да сочуваат дел од силите за својот втор меч во групата, во кој в недела ќе се сретнат со Македонија.

Романците имаа предност од 0-1 и од 1-2 на стартот, а во 4. минута преку Бузле и до два гола предност (1-3). Португалците набрзина се вратија и на почетокот од осмата минута израмнија на 4-4 со атрактивниот погодок на Невес, веднаш потоа и поведувајќи со 5-4 со голот што од контранапад го постигна пивотот Итуриза. Романскиот селектор побара тајмаут по 10 минути игра, при водство на Португалија од 7-4, но советите не дадоа преголем плод, па фаворитот четири минути подоцна стигна до уште поубедливи 12-6. Португалската доминација продолжи, на истекот од 20. минута водството на фаворитот изнесуваше 17-10, а романскиот селектор при 19-10 тргна со „седум на шест“.  При 21-14 португалскиот селектор побара тајмаут, а на одмор се замина со убедливи 23-15, откако португалскиот голман во последните секунди промаши удар од соптвената половина.

Почетокот на второто полувреме беше ефикасен на двете страни, а Португалците се соочија со проблем во 38. минута, кога Мартим Коста заработи повреда при постигнувањето на шестиот гол на мечот. Коста не делуваше премногу сериозно повреден, бекот се врати назад на теренот, а Португалците ја одржуваа убедливата предност (33-25 во 47. минута). Романија на пет минути до крајот намали на „минус пет“ (36-31), но Португалија го издржа тој налет и рутински го приведе мечот до крај и конечните 40-34, со голот што Франциско Коста го постигна од сопствената половина.

Франциско Коста беше прв стрелец со девет гола за Португалија, седум постигна Мартим Коста, а шест Салвадор, додека најефикасен во романскиот табор беше Станчиуч со осум погодоци.

Се вчитува...