Ланското финале меѓу Црвена Звезда и Будуќност предизвика сериозен раскол и во раководството на АБА-лигата, а во ист стил се продолжува и сега, откако „црвено-белите“ не отпатуваа за Подгорица, воопшто не појавувајќи се на теренот на лутиот противник. Претседателот Небојша Човиќ на денешната прес-конференција обелодени дека во Црна Гора не се патувало поради безбедносни причини, но и обелодени дека по барањата за одложување на мечот воопшто не добил било каков одговор од раководството на лигата.
„Стануваше збор за проценка на безбедносните структури во државата, дека може да дојде до инцидент. Ние не сакавме да ризикуваме и решивме да не патуваме. Сличен проблем имаше и пред дербито Барса – Реал, па клубовите се договорија за еден час. Ние не само што не се договоривме, туку и не добивме одговор од претседателството за нашето барање за одлагање на средбата“ – изјави Човиќ.
Според него, одговор немало бидејќи никој не сакал да ја преземе одговорноста во случај на инцидент.
„Постоеја две опции. Првата беше да се одложи мечот. Втората – да не се одложи, да ни кажат дека мораме да дојдеме во 18 часот. И ќе го почитувавме тоа. Но знаете ли чија одговорност ќе беше тогаш? А никој не сака да ја преземе одговорноста. И како сега очекувате претседатеството да донесе таква одлука. Ќе има дискусии на собранието на АБА-лигата на 3 јануари, верувам дека ова ќе биде и една од темите“ – порача Човиќ.
Црногорските медиуми веќе го прогласија мечот за службена победа на Будуќност, но вообичаено е во вакви ситуации да следи и дополнителна казна за тимот што не се појавил на терен, особено во ситуација кога и судиите беа во салата, но поради отсуството на гостите немаше услови за мечот да стартува.
Она што е симптоматично е што АБА-лигата на својата официјална веб-страница нема буквално никаква информација за овој натпревар, како за причините на неиграњето, така и за исходот на мечот и санкциите кон „црвено-белите“.
Кога се нема храброст за најобична информација, се наметнува прашањето ќе има ли херој што ќе реши да го казни актуелниот првак за самоволното неиграње на овој дерби-натпревар. За профи-лига неопходен е и професионален однос, а со случувањата во последните 24 часа и односот на челниците на лигата, АБА се повеќе наликува на аматерско натпреварување во кое секој прави што ќе посака.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА