АБА ја отвори вратата за македонските клубови, но цената е „солена“

АБА-лигата е подготвена за зголемување на бројот на учесници, но дадените „вајлд-карти“ ќе треба добро да се платат, беше одлучено на денешното Собрание на регионалното кошаркарско натпреварување.

Проширувањето на лигата е тема на која веќе подолго се дискутира, за денеска и официјално да биде одлучено АБА1 да има капацитет за во неа да играат најмногу 20 клубови. Ако се знае дека сезонава дел од елитата беа 16 екипи, јасно е дека ќе бидат поделени уште четири вајлд-карти на клубови кои ќе покажат интерес за влез во АБА1, но и ќе имаат капацитет за да платат ваква специјална покана.

Информациите од Србија говорат дека тоа задоволство ќе чини најмалку 200.000 евра, а за ситуацијата да не се одолговлекува, сите заинтересирани клубови ќе имаат рок најдоцна до 22 мај за формално по писмен пат да покажат интерес за влез во АБА1, но и доказ за финансиска подготвеност за плаќање на оваа специјална покана.

МЗТ Скопје повторно е клуб што се споменува најгласно во овие комбинации, но прашање е дали аеродромци се подготвени да платат толкава сума, а потоа и да инвестираат повеќекратно повеќе за да состават конкурентен ростер, откако при последната авантура во АБА1 „сино-белите“ експресно испаднаа, а згора на тоа и наталожија огромни долгови.

Вратата не е затворена ниту за останатите клубови од мак-баскетот, но прашање е дали некој од нив воопшто ќе биде подготвен да издвои огромен буџет за да стане дел од кошаркарската елита во регионот.

Се вчитува...