АБА-лигата ќе се прошири, но сепак ќе нема место за МЗТ Скопје

Бројот на екипи во елитното друштво од АБА-лигата за следната сезона ќе се зголеми од 10 на 12, но во ова натпреварување сепак ќе нема место за МЗТ Скопје. На оваа тема било разговорано за време на вчерашниот видеоконференциски состанок меѓу раководството на лигата и челниците на клубовите, при што е донесен заеднички заклучок дека најдобро ќе биде лигата да се прошири од 10 на 12 клубови, a влез во елитата без плејоф би обезбедиле најдобрите два тима од АБА2, Борац Чачак и Сплит.

За ваквото решение веќе пишуваат медиуми од различни земји од регионот, повикувајќи се на извори од раководствата на клубовите. Задар ќе биде спасен иако е последен бидејќи каква и да биде одлуката за доигрување или прекин, нема да дојде до испаѓање на ниту еден клуб од елитното друштво во АБА-лигата. Официјализацијата се очекува кога ќе биде конечно решено дали лигата ќе продолжи, при што ќе биде обелоденето и зголемувањето на бројот на учесници за следната сезона.

МЗТ Скопје има за што да жали бидејќи македонскиот првак во огромен дел од сезоната беше меѓу двете првопласирани екипи на табелата. Сепак, „металците“ загубија пет од последните шест средби, па на крајот го завршија лигашкиот дел на третото место, со полош меѓусебен дуел со второпласираниот Сплит.

Се вчитува...