АБА: МЗТ Скопје пред нов голем предизвик наречен Будуќност (ВИДЕО)

Пред кошаркарите на МЗТ Скопје е уште еден голем предизвик да се совлада топ АБА фаворит во СЦ „Јане Сандански“. По дуелите со евролигашите Црвена Звезда и Партизан пеколното темпо продолжува денеска од 17 часот кога „сино-белите“ ќе се обидат да слават против еврокуп составот на Будуќност.

Црногорскиот тим во нашиот главен град доаѓа со фаворитска улога, но македонскиот шампион ќе се обиде да го повтори успехот од сезоните 2013/14 и 2016/17 кога на крилја на навивачите го одбрани домашниот терен. Тоа се воедно и единстените победи против најтрофејниот црногорски состав па триумф на денешниот натпревар ќе биде мотив плус за балансирање на меѓусебниот скор.

За тоа на МЗТ Скопје му треба помошта од Абдул-Малик Абу кој не се прослави во дебито во „сино-белиот“ дрес, но новиот „заштитник на рекетот“ вели дека ќе даде се од себе за победа.

„Секој натпревар е посебен предизвик. Напорно трениравме изминатиов период и сакаме да покажеме дека имаме квалитет за борба со најдобрите екипи во регионот. Знам дека ќе дадам се од себе за да дојдеме до посакуваната победа“, изјави Абу.

Двата тима влегуваат во мечот по серија на порази па ќе биде интересно да видиме кој ќе стави крај на „црната низа“.

Се вчитува...