АБА: Со срце на терен до злато вредна победа против Игокеа

Битката за опстанок во „елитата“ на регионалната кошарка за МЗТ Скопје продолжува денеска со 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ каде гостува Игокеа.

По поразот од Мега во претходното коло аеродромци немаат право на грешка против претставникот од Босна и Херцеговина, но во полза на „сино-белите“ е добрата форма пред верните навивачи со две победи во низа против Цедевита Олимпија и ФМП.

За победа против претендентот за влез во плеј-офот МЗТ Скопје ќе мора да биде на врв на својата задача, а тоа го знае и „диригентот“ во нападот, Мајк Кефи кој вели дека тимот мора да го остави срцето на терен.

„Само со верба во сопствените можности и со почитување на принципите што ги увежбуваме неделава ќе може да дојдеме до посакуваното во дуелот со Игокеа. Важен натпревар во кој ќе треба да го оставиме срцето на терен, бидејќи и само така ќе може да ја оствариме целта, а тоа е да ги израдуваме нашите верни навивачи“, вели Кефи.

Меѓусебните натпревари помеѓу МЗТ Скопје и Игокеа доскоро беа со половичен успех со по шест победи и шест порази, а овој пат аеродромци ќе имаат и дополнителен мотив за одмазда по поразот во Лакташи на почетокот на месец декември. „За љубителите на математиката“ интересен факт е дека двете средби кои МЗТ Скопје ги доби на домашен терен завршија со победа од по пет поени.

Се вчитува...