АБА1 ја затвора вратата за МЗТ Скопје

Раководството на АБА-лигата никако не успева да донесе конкретна одлука околу завршувањето на сезоната, но се очекува значаен чекор напред да биде направен на утрешниот состанок на челниците на АБА, на кој ќе учествуваат и претставниците на клубовите. Приоритет ќе биде ставен на завршницата од АБА1, но се очекува да стане збор и за случувањата за крај на сезоната во АБА2, исход што со нетрпение го очекува МЗТ Скопје.

Македонскиот првак го заврши лигашкиот дел на третото место и требаше да игра полуфинале против Сплит, кога дојде до прекин на натпреварувањето. Продолжение на плејофот во АБА2 е нешто што како опција не се ни споменува во пресрет на денешниот состанок. Дури и доколку нема испаѓање од АБА1 и дојде до проширување на елитното друштво, во него директно ќе влезат двете најдобри екипи од лигашкиот дел од АБА2, во случајов Борац Чачак и Сплит.

„Металците“ неодамна испратија писмо до АБА-лигата барајќи да биде вратен стариот начин на распределба на местата, што ќе значеше учество на македонскиот првак во елитното друштво, но речиси сигурно е дека ова барање без предолга дискусија ќе биде одбиено. Вината за ваквиот развој на настаните аеродромци треба да ја бараат и во своите редови, ако се знае дека долго време беа второпласирани на табелата, но потоа врзаа пет порази во серија пред крајот на сезоната, што придонесе да паднат на третото место, пласман што сега се покажува кобен за нивните надежи за камбек во елитата.

Се вчитува...