Адеми и Барди заедно во маневарот: Добро се надополнуваме, треба и подобро да се воиграме

ЕКИПА во Белек,

Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија вчера го имаше првиот тест во 2018 година. Избраниците на Игор Ангеловски одиграа 0-0 против селекцијата на Финска во Белек, а за првпат по подолг период, односно по неговото враќање од суспензија, Аријан Адеми, беше стартер во националниот тим. Доби и малку поофанзивна улога, како главен креатор на играта во маневарот, заедно со Енис Барди. Зад нив како последен играч за врска беше поставен Стефан Спировски, во формацијата 3-5-2. На страничните позиции делуваа Стефан Ристовски и Езгјан Алиоски.

Адеми е одличен играч за врска, може да игра „од шеснаесетник до шеснаесетник“ со своите физички спосбности и Ангеловски ќе се обиде тоа да го искористи во наредниот период. Но, тоа за него е сепак нова улога, која оваа сезона ја игра и во Динамо Загреб, и ќе треба добро да се прилагоди и да се воигра со Енис Барди. Се разбира, конкуренцијата во средниот ред е многу поширока и тука се и Бобан Николов, сега повредениот Ферхан Хасани, а поофанзивни опции се и Александар Трајковски, и капитенот Горан Пандев.

„Адеми е одличен фудбалер, има искуство, знае како да го диктира темпото. Мислам дека добро се надополнувавме, а тој ја имаше најубавата шанса на натпреварот за да постигнеме гол. За жал, голманот на Финска беше поуспешен. Но, затоа се овие пријателски натпревари, да испробаме и некои нови варијанти, селекторот да увиди кој фудбалер на која позиција може да даде најмногу, а наше е да се прилагодиме и да играме најдобро што можеме. Мислам дека кога ќе се воиграме, сето тоа ќе делува многу подобро, токму за важните натпревари во Лигата на нации. Сега ќе имаме уште една проверка против Азербејџан, и вервам дека ќе бидеме уште подобри“, истакнува Енис Барди, фудбалерот на шпанскиот прволигаш Леванте.

Македонската фудбалска репрезентација денеска имаше тренинг за рекуперација по вчерашниот натпревар, по што фокусот е насочен на следниот тест на формата, против Азербејџан, на 27.март.

Се вчитува...