Адеми: Ми одговара да бидам поофанзивен, жал ми е што не дадов гол против Финска

ЕКИПА во Белек,

Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија продолжува со тренинзи во турскиот туристички центар Белек, во пресрет на вториот пријателски натпревар во овој мини-циклус, што ќе се одигра во вторник, со почеток во 18 часот, против селекцијата на Азербејџан. По ремито против Финска, селекторот Игор Ангеловски и фудбалерите ќе настојуваат да стигнат до триумф на вториот тест.

Аријан Адеми, фудбалерот за врска на Динамо Загреб, ја имаше најубавата шанса на дуелот против Финска, излезе сам пред голманот Храдецки, но чуварот на мрежата на Финците успеа да ја спаси својата мрежа во последен момент. Тој жали за пропуштената можност, но верува дека наградата ќе дојде веќе на следниот натпревар. Му легна и новата улога што му ја довери селекторот Игор Ангеловски, да биде поофанзивен во средниот ред на нашиот национален тим.

„Ми одговара новата улога, таква задача, речиси идентична, имам и во Динамо Загреб. Не се познаваме доволно добри со овие млади момци, но токму ваквите натпревари и подготовки се одлична шанса за подобро да се воиграме. Мислам дека одигравме добар меч против Финска и жалам што тоа не го крунисав со гол за победа. Ја имав најубавата шанса, но ете голманот на Финска излезе како победник. Се надевам дека сето тоа ќе ни се врати на вториот тест, против Азербејџан“, истакнува Аријан Адеми.

 

Се вчитува...