Академија ФМП ја преслуша Струмица за злато вредни бодови во борбата за опстанок

Академија ФМП стави крај на серијата од девет порази едно по друго во Првата кошаркарска лига откако на отварањето на 19. коло славеше на гостувањето кај Струмица со 94-99, забележувајќи ја четвртата победа во првенството која е од голема важност во битката за опстанок.

Двата тима влегоа расположено во натпреварот, а во првото полуврме проследено со одлична реализација на Струмица и Академија ФМП, струмичкиот и скопскиот тим одиграа во серии со кои го менува водството и ниеден тим не успеа да го наметне својот ритам и истиот да го задржи. По 10. минути игра на семафорот стоеше предност од 29-31 за гостите, предност од еден напад која „академиците“ ја задржаа и на полувремето за 54-55.

Струмица и Академија ФМП не продолжија во висок ритам и на отварањето на второто полувреме. Акцентот беше ставен на одбраната, а во овој сегмент подобар беше гостинот од Скопје кој го примора домаќинот на само еден реализиран обид за два поени па поведе со 67-74 пред одлучувачката четвртина. Во неа избраниците на Симиќ имаа и двоцифрена предност (79-89), но мотивираните домаќините не дозволија мирен финиш.

Обуквели започна серија на која и се приклучија и Сучов и Зетов па на две минути пред крајот на натпреварот домашниот тим беше на негатива од само еден напад (90-93). Струмица имаше и напад за изедначување, но младиот Зетов промаши во обидот зад линијата 6,75, а казната следеше од Коскоски на спротивната страна која ја искористи непоставената одбрана за лесни поени и предност од два напади за Академија ФМП која ја донесе четвртата победа на „академиците“ во сезоната.

Со 23 поени лидер на Струмица беше Сучов, а него го следеа Обуквелу со 19 поени и 12 скока и Димитриев со 17 поени и 6 скока. Смит ја предводеше Академија ФМП со 27 поени и 10 скока, 20 поени додаде Мариновиќ.

Се вчитува...