Алегри: Јувентус не е „мртов“, се случувале и поголеми пресврти

Масимилијано Алегри не го криеше разочарувањето по слабиот натпревар на Јувентус на гостувањето во Мадрид и поразот од 2-0 од Атлетико. Сепак, стратегот на „старата дама“ верува дека неговиот тим е способен да возврати на вториот меч во Торино, да победи со три гола и да обезбеди пласман во четврт-финалето.

„Игравме лошо, но тоа е заслуга на Атлетико кој секогаш го прави истото, најпрвин ги исфрла противниците од ритам, па потоа наметнува свое темпо. Второто полувреме беше катастрофално, примивме два гола и се наоѓаме во многу тешка ситуација. Сепак, Јувентус не е мртов, се случувале и поголеми пресврти, а ние дефинитивно сме способни да постигнеме три погодоци пред нашите фанови против било кој ривал“ – истакна Алегри.

Традицијата е против „старата дама“, ако се знае дека Јувентус бил елиминиран во последните пет ситуации во европските купови кога го загубил првиот натпревар, не успевајќи да ја надополни негативата на реваншот. А сега против себе ќе го има Атлетико Мадрид, против кого во досегашните три натпревари Јуве нема постигнато ниту еден единствен погодок.

Се вчитува...