Јувентус има одлични 2-0 од првиот меч во Монако, но тренерот Масимилијано Алегри е дециден при пораките до своите фудбалери дека никако не смее да се дозволи опуштање на вечерашниот реванш што ќе се игра во Торино. Алегри има високо мислење за „кнезовите“, кои поседуваат потенцијал да го казнат секое опуштање на противникот.
„Се уште не сме во финалето, сакам на сите тоа да им биде јасно. Играме против силен ривал како Монако, тим што ќе нема што да загуби, а тоа може да биде многу опасно за нас. Опуштање не доаѓа во предвид, Монако има играчи кои се способни да ни создадат огромни главоболки, затоа мораме да играме како да е 0-0 и да настојуваме да победиме и на оваа средба како минатата седмица“ – истакна Алегри на синоќешната прес-конференција.
Одбраната функционираше беспрекорно на првиот меч, но Алегри се наоѓа во дилема дали повторно да стартува со Барзалји, или Јуве да тргне нешто поофанзивно, со Квадрадо меѓу првите единаесетмина (како на двомечот со Барселона).
„Тоа ми е единствената дилема, дали Барзалји или Квадрадо. Одлуката ќе ја донесам неколку часа пред натпреварот“ – истакна Алегри, кој за разлика од првиот меч повторно ќе го има на располагање Сами Кедира, кој не играше во Монако поради суспензија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА