Алегри: Наполи и понатаму е главен фаворит за титулата

Италијанскиот првак Јувентус оствари круцијална победа на „Сан Паоло“, совладувајќи го лидерот Наполи со 0-1. Стрелец на победничкиот гол беше поранешниот „наполитанец“ Гонзало Игуаин, кој по заминувањето во Торино стана најомразената личност во Неапол.

И покрај големиот триумф, тренерот на „старата дама“, Масимилијано Алегри, го насочува притисокот кон тимот на Наполи.

„Ова е голема победа за нас. Тимот реагираше шампионски, одигра најдобро во вистински момент. Но, Наполи е квалитетен тим и се уште мислам дека е најголем фаворит за титулата. Затоа што се на првата позиција, и затоа што играат одличен фудбал. Секако, и ние ќе се бориме до самиот крај“, изјави Алегри.

На врвот во Серија А, Наполи има 38 бода, Јувентус по вечерашниот триумф стигна до 37, а Интер има 36 и натпревар помалку. „Нероаѕурите“ в недела на домашен терен го пречекуваат Киево.

Се вчитува...