Алегри незадоволен и од 4-1: Ако играме вака со Милан, ќе загубиме

Јувентус на последните две средби постигна вкупно десет погодоци, но тренерот Масимилијано Алегри сепак не е задоволен од изданијата на својот тим. Тој јасно стави до знаење дека очекува значително подобрување за претстојниот дерби дуел со Милан, иако неговите избраници синоќа рутински славеа со 4-1 над новиот прволигаш СПАЛ.

Едно е сигурно, ако играме вака на „Сан Сиро“, сигурно ќе загубиме. Убаво е да се постигнуваат голови, но мора да се одржува интензитетот и концентрацијата низ целиот натпревар. Ситуацијата е јасна – или ќе најдеме баланс или ќе биде исклучително тешко да го освоиме скудетото. Цело време играме топло-ладно, или сме добри во нападот, или во одбраната, мора да имаме баланс и да функционираме како колектив низ 90-те минути. Големите клубови го казнуваат тоа, видовте што ни се случи против Лацио, затоа велам дека ако играме вака против Милан сигурно ќе доживееме дебакл“ – предупредува Алегри.

Јувентус се уште заостанува три бода зад водечките Интер и Наполи на табелата во Серија А.

Се вчитува...