Александар Трајковски по стапките на Балевски, Сетинов, Седлоски…

Иако се очекуваше дека македонскиот фудбалски репрезентативец Александар Трајковски, кој има 85 настапи за најдобрата селекција на Македонија повторно ќе се врати во Италија, одкаде имаше неколку понуди  откако замина од Саудиска Арабија, од клубот Ал Фејах, неочекувано потпиша договор со еден од најдобрите клубови во Хрватска Хајдук. Својата богата интернационална кариера  Трајковски ја почна токму во Хрватска, во прволигашот Интер Запрешиќ, а потоа уште играше и во Белгија за Варегам и Мехелен, за Палермо во Италија и Мајорка  во  Шпанија и  пред потписот за Хајдук за Ал Фејах во Саудиска Арабија. Можеби ќе биде интересно за читателите на „Екипа“ и љубителите на фудбалот да се потсетиме кои се фудбалери од Македонија го носеле популарниот бел дрес на Хајдук. Според наша  евиденција 15, меѓу кои и познатите имиња, репрезентативци, Ванчо Балевски, Драги Сетинов, Гоце Седловски, Игор Кралевски,  Јани Атанасов..

Кузман Сотировиќ е првиот македонски фудбалер кој играл за сплитските „бели“

Иако долго време се пишуваше дека Ванчо Балевски е прв фудбалер од Македонија кој во далечната 1975 година заиграл во дресот на Хајдук, прелистувајќи ги старите весници од пред втората светска војна, пронајдовме едно интересно име, Кузман Сотировиќ, роден во тетовското село Стенче, каде се уште живеат неговите далечни роднии кои се сеќаваат на него и неговото семејство кои во далечната 1913 година го напуштиле Стенче бидејќи биле фурнаџии и продолжиле да живеат во Белград. Тука фудбалскатаа кариера ја започнал Кузман Сотировиќ кој бил стандарден првотимец на познатиот  белградски клуб БСК, пред втората светска војна. Играл заедно со Моша Марјановиќ,  Александар Тирнаниќ, Ивица Бек, Арсениевиќ…

Има и пет настапи за тогашната репрезентација на Југославија 1927 и 1928 година. Дури настапил  на Олимписките игри во Амстердам 1928 година на мечот против Португалија, што практично тој е прв фудбалер од Македонија кој настапил на Олимписките игри, а не Благоја Видиниќ на игрите во Рим 1960 ходина. По БСК Сотировиќ ја шродолжил кариерата во францускиот  Монпелје. Како негов чллен 1931 година добил покана од сплитски Хајдук  да игра во неговиот дрес на долгата турнеја во Јужна Америка која траела од  12 јануари до 8 мај бидејќи фудбалерите до Чиле и назад од Франција патувале со брод. Сотировиќ  настапил на ситете 12 натпревари за Хајдук на мечевите во Јамајка, Чиле, Перу и Аргентина постигнувајќи 6 гола. Починал во Париз 1990 година, по една година неговите посмртни останки биле пренесени во Белград каде е погребан во семејната гробница.

Сетинов со 146 настапи за Хајдук е рекордер

Ванчо Балевски,  Драги Сетинов и Гоце Седловски се сигурно најпознати имиња кои играа за Хајдук. Од Вардар, за кој има одиграно 375 натпревари Балевски замина за Сплит и 1,5 година го носеше дресот на Хајдук, оставајќи одличен впечаток така што и ден денес се бара неговото мислење за некој фудбалер од Македонија кој треба да потпише за „белите“. Од Хајдук замина за Германија каде играше за Карсруе. Најмногу настапи за Хајдук има одиграно Драги Сетинов, дури 146, што е навистина своевиден рекорд кога се во прашање играчите од Македонија кои играле за еден од најдобрите клубови во Хрватска. Сетинов по Хајдук кариерата ја заврши во Етникос од Пиреа.

Гоце Седлоски една сезона беше стандарден првотимец на Хајдук, за да потоа замине за Англија каде играше за  премиер лигашот Шефилд а потоа  потпиша за Динамо од Загреб. Љубителите на фудбалот од постарата генерација сигурно се сеќаваат на оној турболентен трансфер на Мирко Петров од Тетекс во Хајдук. Требаше да потпише за Вардар, се беше договорено но се премисли, потпиша за Хајдук, регистрацијата ја оспори Вардар и Петров долго време паузираше додека не доби право да игра за сплитските „бели“. Не се наигра многу, од Сплит отпатува за Битола, играше за Пелистер, а потоа и за Бургос од Шпанија.

Дресот на Хајдук го носеа и поранешниот играч на Работнички Горан Јордановски, но и Марио Вујовиќ, па Мирослав Вајс, младиот голман Матеја Мирков, поранешниот репрезентативец на Македонија Ангел Панов, Арбен Нухиу, кој беше фудбалер на Шкендија од Арачиново, во тоа време член на Втората лига на Македонија. И едно интересно, малку познато име во Македонија, Ирфан Исљами, кој играше во времето на Седлоски и кој во Хајдук дојде од Истра од Пула, инаку роден во тетовското секо Боговиње. Во младинските категории на тимот играа и Леонид Игњатов и Азер Омерагиќ, како и Теодор Кралевски, син на Игор Кралевски.

И гевгеличанецот  Марјан Андонов може да се пофали дека има играно за Хајдук. Во Хајдук беше и поранешниот репрезентативец Мирко Ивановски, кој беше дел од „белите“ од јули 2018 до септември 2019 година. Текстот ќе завршиме со уште две познати имиња кои оставија убав впечаток како играчи на Хајдук. Тоа е репрезентативецот на Македонија Јани Атанасов, кој беше и стандарден првтимец, а потоа направи убав трансфер, сега е член на полскиот прволигаш Краковија. Да не го заборавиме поранешниот играч на Силекс, исто така репрезентативец на Македонија Игор Ѓузелов, кој одлично се претстави пред сплитските навивачи што му овозможи подоцна да направи трансфер во Шахтјор, потоа и во белгиски Бриж. И на крајот Игор Кралевски, кој во Македонија играше за Работнички, Металург, Македонија, Тетекс,  а по заминување од Хајдук, потоа настапуваше во Русија, за клубот Луч во далечниот Владивосток. Доколку некој од читателите на „Екипа“ смета дека сме заборавиле некое име, нека не потсети да ја комплетираме приказната за фудбалерите од Македонија кои играле за Хајдук.

М.Мицковиќ

Се вчитува...