Алиоски: И во Љубљана со офанзива до позитивен резултат

Стрелецот на првиот гол за македонската репрезентација во победата од 3-1 против Летонија на стартот од квалификациите за ЕП 2020, Езгијан Алиоски вели дека Македонија заслужи победа и од четири-пет гола разлика. Но, на крајот, останува задоволството од триумфот како мотив плус за тоа што не очекува против Словенија за два дена.

„Среќни сме зошто дојдовме до победа за Горан Пандев. Одигравме одлично прво полувреме во кое заслуживме и предност од четири-пет голови разлика. Но, најважна е победата и одличниот старт во квалификациите за Европско првенство“ – вели Алиоски.

Според фудбалерот на Лидс, мора да продолжиме со истиот пристап на игра и на дуелот во Љубљана верувајќи во своите квалитети.

„Сега веднаш мора да се концентрираме на натпреварот со Словенија која е селекција која располага со многу квалитетни индивидуалци. Но, ние сме силни како тим и тоа е нашето најдобро оружје.Ако одигравме како што знаеме и умееме сигурен сум дека ќе стигнеме и до позитивен резултат и од Словенија. Треба и во Љубљана да играме офанзивно затоа што само тоа е начинот да се дојде до посакуваниот успех“ – истакнува Алиоски.

Се вчитува...