Алиоски ќе биде во комбинација за Полска и за Австрија?

Фудбалерот на Лидс Јунајтед, Езгјан Алиоски, многу веројатно ќе може да биде дел од репрезентативниот состав на Македонија што во јуни ќе ги игра квалификациските натпревари против фаворитите во групата, Полска и Австрија. Левиот бек, според информациите од Островот, одлично се опоравува од операцијата на менискусот на коленото и би можел да заигра за Лидс дури и во финалето на „Вембли“, решавачкиот меч за пласман во Премиер – лигата. Лидс Јунајтед не успеа да обезбеди директен пласман во елитата, но има можност тоа да го стори преку плејофот во Чемпионшип дивизијата.

Јасно е дека селекторот Игор Ангеловски нема да може да смета на повредените Иван Тричковски (напукнати ребра) и Стефан Спировски (операција на коленото), а неизвесен е и настапот на Илија Несторовски, кој викендов повторно ја обнови повредата на листот на ногата.

Аријан Адеми се чувствува добро и се подготвува за настап во финалето на Купот на Хрватска, а и Дарко Велковски се врати во составот на Ријека по паузата.

Фудбалската репрезентација на Македонија има четири бода по првите два квалификациски натпревари во групата Г за пласман на ЕП 2020. Во јуни, во Скопје ќе гостуваат фаворитите Полска и Австрија. „Црвено-жолтите“ мечот со Полска ќе го играат на 7.јуни, а три дена подоцна е закажан дуелот со Австрија.

Се вчитува...