Алиоски стартер, Лидс чекор поблиску до Премиер-лигата

Езгјан Алиоски се врати во стартниот тим на Лидс и му помогна на овој клуб да стигне до значајна победа во трката за влез во Премиер-лигата. Лидс попладнево гостуваше на „Ивуд Парк“ против Блекбурн, меч на кој Алиоски и соиграчите рутински ја одработеа задачата и на крајот заслужено триумфираа со 1-3.

Клучно беше што избраниците на Марсело Биелса го отворија резултатот во раната фаза од мечот, откако Бамфорд по нецели седум минути игра го донесе Лидс во водство. Филипс со прекрасен погодок од слободен зголеми на 0-2, домаќините на стартот од второто полувреме намалија на 1-2, но Клих со погодок во 53. минута ја врати удобната предност и ја осигура победата и трите бода.

Лидс со денешната победа останува на чело на Чемпионшип-дивизијата, со шест бода предност пред третопласираниот Брентфорд на пет кола до крајот.

Се вчитува...