Алисон се избламира, Манчестер Сити го растури Ливерпул

Манчестер Сити направи уште еден огромен чекор напред кон новата премиерлигашка титула откако „граѓаните“ вечерва на гостински терен го декласираа Ливерпул со 1-4, Илкај Гундоган се посрамоти промашувајќи пенал во првото полувреме, за во вториот дел токму германскиот репрезентативец со два гола да го предводи својот тим до победата. На спротивната страна, голманот Алисон Бекер е трагичарот на Ливерпул откако по негови две погрешни додавања Сити во последните дваесетина минути ги постигна двата гола за победа.

Мане ја имаше првата стопроцентна шанса на мечот, но биеше со глава над гредата. Најубавата можност во првиот дел сепак ја имаше Сити, судијата Оливер оправда покажа на белата точка по стартот на Фабињо над Стерлинг, но Гундоган биеше над гредата.

Германецот се извади со водечкиот погодок на стартот од второто полувреме, кога на асистенција на Стерлинг ја смести топката во мрежата. Сити делуваше како целосно да го контролира мечот, но Ливерпул дојде до израмнување со пеналот на Салах, откако египетскиот ас беше соборен во шеснаесентикот од Рубен Дијаз.

Тогаш на сцена стапи Алисон, кој најпрвин го проигра Фоден, кој асистираше за вториот гол на Гундоган, а потоа му подари топка и на Бернардо Силва, кој му асистираше на Стерлинг за водство од 1-3. Конечните 1-4 со прекрасен погодок од десетина метри откосо ги постави младиот Фоден.

 

Се вчитува...