Алкалоид и Кире Лазаров – нов клуб на сцената, приоритет е врвна работа со младите ракометари

Ракометниот клуб Алкалоид е најновата единка на ракометната мапа на МАкедонија, откако денеска и официјално беше формиран овој колектив, во најтесна соработка на оваа моќна компанија и брендот КЛ7 претставен од актуелниот капитен и селектор на Македонија, Кире Лазаров.

Приоритет на РК Алкалоид ќе биде работа и унапредување на младите ракометари, кои би растеле низ годините и во иднина би се наметнале како идни репрезентативци. Новиот клуб ќе стартува од Првата лига како втор ранг на натпреварување.

„Повод за денешниот собир е формирањето на Ракометниот клуб Алкалоид, основан со одлука на Управниот Одбор на компанијата. Наша цел е тимот да се натпреварува во Првата машка лига, бидејќи ова е место каде се кали челикот и се кршат копјата кога станува збор за младите ракометари. Нашата цел е тие млади играчи вистински да ги насочиме, преку правилна работа и вистински спортски и животни вредности. Тоа е и нашата цел како компанија, чии основни начела за професионален пристап во операциите, што ќе се пренесе и во овој клуб“, изјави првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов.

Претседател на клубот ќе биде поранешниот ракометар Горан Минов, кој исто така е член на раководството на Алкалоид. Дел од оваа приказна е и легендата на македонскиот ракомет, Кире Лазаров со својот бренд КЛ7.

Би сакале да ве запознаеме со визијата и оперативното работење на РК Алкалоид. Овој клуб ќе биде концепиран како и поголемиот дел од врвните европски клубови. Приоритет ќе биде квалитетен тренажен процес за младите македонски ракометари. Наша цел е модерен ракомет и издигнување на оваа игра на највисоко ниво. Факт е дека во земјава има многу деца кои сакаат да тренираат, кои имаат квалитет, наша цел е со специфични тренинзи и методи на работа, тие млади надежи кои ќе ги регрутираме да прераснат во квалитетни ракометни играчи“, истакна претседателот Минов.

Се вчитува...