Ракометниот клуб Алкалоид и официјално ги претстави трите засилувања со кои ќе влезе во новата натпреварувачка сезона. Нови членови на тимот се словенечките репрезентативци Матиц Сухолежник и Нејц Цехте, како и искусниот црногорски бек Вуко Борозан.
Сухолежник, кој има 31 година и е висок 202 сантиметри, игра на позицијата пивот. Во Скопје пристигнува од словенечкиот РД Слован, а во својата кариера настапувал и за Целје, француските Данкерк и Саран, португалска Бенфика, како и за хрватскиот шампион Загреб.
Второто засилување е 33-годишниот десен бек Нејц Цехте, кој минатата сезона ја заврши во редовите на германскиот Фуксе Берлин, финалист во Лигата на шампионите. Претходно го носеше дресот на Кршко, Горење Велење, Хановер, данскиот ГОГ, како и на македонскиот Еурофарм Пелистер.
Ново име во составот е и Вуко Борозан. Триесет и двегодишниот лев бек од Црна Гора е висок 203 сантиметри и зад себе има богата интернационална кариера, настапувајќи за клубови од Европа, Блискиот Исток и Македонија. Благодарение на претходниот ангажман во домашното првенство, Борозан добро ги познава условите и конкуренцијата во македонската Суперлига.
Со ангажманот на тројцата искусни ракометари, Алкалоид значително го засилува ростерот и ги зголемува амбициите во пресрет на новата сезона на домашната и меѓународната сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
