Карлос Алкараз се пласираше во полуфиналето на турнирот во Индијан Велс, славејќи во пресметката со Феликс Оже Алијасим, прва победа на Шпанецот над незгодниот канадски ривал по трите порази во низа од овој противник. Со овој триумф, Алкараз сега се наоѓа на две победи од трофејот, што ќе значи и ново искачување на првото место на АТП-листата и симнување од тронот на Новак Ѓоковиќ.
Битката со Оже Алијасим ја доби со максимални 2-0 во сетови, славејќи со идентични 6-4, 6-4. Во првиот сет Шпанецот ја искористи шестата брејк-топка за да успее да го освои сервисот на противникот и да поведе со 1-0. Во вториот пак и двајцата тенисери направија по еден брејк во раната фаза, за потоа како пресуден да се покаже брејкот за водство од 5-4, по што Алкараз на свој сервис ја запечати победата.
Противник на шпанскиот ас во полуфиналето ќе биде Јаник Синер од Италија, кој славеше во последната четвртфинална пресметка над домашниот миленик Тејлор Фриц со 2-1 во сетови.
Во второто полуфинале силите ќе ги одмерат Медведев и Тиафо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА