Алкараз по три сета го победи Циципас, Гркот го гаѓаше Шпанецот со сета сила: Никогаш немам видено нешто слично (ВИДЕО)

Третата пресметка меѓу Карлос Алкараз и Стефанос Циципас донесе возбуда како претходните две, но иако заврши со идентичен епилог и со победа на помладиот Шпанец, овојпат донесе и тензија која се чувствуваше на теренот. Талентираниот шпански тенисер го совлада Гркот Стефанос Циципас со 2-1 во сетови, односно 6-4, 5-7 и 6-2.

Алкараз го доби Гркот во третата пресметка во последната година и ја зголеми предноста во меѓусебните пресметки на 3-0, но овојпат наиде и на еден непрофесионален потег од Циципас кој со сета сила го гаѓаше противникот во последниот поен од првиот сет.

Циципас очигледно го гаѓаше Карлитос и испрати „бомба“ во негов правец, но откако Алкараз се сокри и топчето заврши далеку во аут, Шпанецот му испрати убиствен поглед на противниот од спротивната страна.

Стефанос одлучи да се извини дури на стартот на вториот сет, но кулминација на нервозата меѓу двете страни стигна откако Гркот се избори за трет сет. Циципас се врати од негатива од 4-1 во вториот сет и го доби истиот со 7-5, но потоа во одлучувачкиот загуби со 2-6.

Во овој дел од мечот, Циципас беше казнет и му беа одземени два поени бидејќи се задржа во тоалетот повеќе од што треба измеѓу два гејма, па покрај тоа што се караше со главниот судија, го навлече гневот и од гледалиштето во Барселона.

„До денеска, немав видено вакво нешто. Немав видено некој играч да оди во тоалет измеѓу гејмови. Мислам дека сакаше да го направи тоа што јас го направив по крајот на вториот сет, да ме извади од ритам, но не успеа во тоа. Сигурен сум дека негова стратегија беше да ме извади од ритам“, изјави Алкарас кој се пласираше во полуфиналето.

 

 

Се вчитува...