Тиквеш е фаворит, но Башкими оди по изненадување

Тиквеш ќе го пречека тимот на Башкими денеска со почеток во 14 часот во Кавадарци, дуел на кој домашниот состав ќе ја има фаворитската улога, но истата ќе мора да биде потврдена и на самиот терен.

Осум натпревари прволигашот од Кавадарци нема пораз, вклучувајќи го и мечот од Купот на Македонија со Крошу Спорт Битола. Кавадаречкиот тим последен пат на домашен терен триумфираше со убедливи 3:0 против Брегалница, и во оваа денешна пресметка влегува по ремито со Арсими на гости.

„Не очекува тежок натпревар. Не смееме да потцениме никого и да не нè залажува тоа што Башкими загуби на домашен терен минатото коло од Силекс. Ние веруваме во нашите квалитети и како и на секој натпревар одиме на позитивен резултат. Атмосферата во екипата е на високо ниво од самиот почеток, максимално сме подготвени и мотивирани и се надевам дека со добра игра ќе успееме да ги израдуваме нашите навивачи“, рече Теодор Николовски, играчот од средниот ред на Тиквеш.

Гостите од Куманово најавуваат борба, обидувајќи се да ја продолжат позитивната традиција во дуелите со кавадарчани. Статистиката од последните 9 дуели најавува неизвесна борба: Тиквеш има запишано 3 победи, Башкими славел на 4 натпревари, додека 2 средби завршиле без победник.

„Во Кавадарци одиме со јасна цел — да се вратиме со бодови. Гостувањето кај Тиквеш е секогаш тешко, но подготвени сме да дадеме сè од себе на теренот за да ги оствариме нашите амбиции“, изјави Јахаја од таборот на Башкими.

Се вчитува...