Алкараз загрижен за него и Синер: Ова вака не оди

Карлос Алкараз и Јаник Синер заедно ќе поминат 320 дена закрепнувајќи од повреди во текот на 2026 година. Поради проблем со десниот зглоб на раката, Шпанецот направи пауза од 140 дена меѓу повлекувањето од турнирот во Барселона и обидот за враќање на УС Опен, додека Италијанецот направи пауза поради болки во коленото по освојувањето на Вимблдон, се обиде да тренира, а потоа објави дека нема да се врати на теренот пред првите турнири во 2027 година.

Ќе поминат 180, а можеби и повеќе денови, пред повторно да го видиме Синер во акција. Уште полошо е што овие проблеми ги снајдоа двајцата најдобри тенисери во светот во прилично рана фаза од кариерата. Јаник има 25, а Карлос 23 години.

Токму затоа Алкараз останува на ставот дека АТП-организацијата ги преоптоварува најдобрите светски тенисери со бројот на турнири во календарот, и покрај тоа што некои постари играчи, како Рафаел Надал, ги критикуваат неговите изјави на оваа тема.

„Една од работите на кои мораме да обрнеме внимание е се поголемиот број повредени играчи. Мислам дека понекогаш премногу не форсираат, не тераат да играме премногу турнири и натпревари и дека веќе се преминуваат одредени граници. Сметам дека сето тоа оди во погрешна насока. Му посакувам се најдобро на Јаник. Се надевам дека ќе го искористи овој месец за закрепнување и дека ќе биде целосно подготвен за следната сезона. Се надевам дека наскоро ќе се видиме, но сметам дека организаторите треба малку посериозно да разгледаат што им се случува на играчите за време на турнирите“, изјави Алкараз. 

Се вчитува...