Алушовски: Да бидам искрен, не сум задоволен…

Вардар стигна до втората победа во новата година откако славеше на домашен терен против Нексе со минимални 27-26. Во овој дуел „црвено-црните“ покажаа осцилации во својата игра, па и покрај тоа што во поголемиот дел од натпреварот го контролираа резултатот, беа блиску до испуштање бодови на крајот на средбата. Херојот на „вардарци“ на крајот беше Борко Ристовски, кој со две интервенции во рок од неколку секунди ја „одбрани“ победата.

По натпреварот тренерот Стевче Алушовски го изрази незадоволството од сработеното на денешната средба на двата дела од теренот, нешто што не може да се случи и против Порто.

„Секој натпревар со Нексе е приказна сама за себе и само поради нашите грешки тие успеаа да се вратат во игра. Имавме четири разлика, а потоа следуваше несфатлив пад во играта, особено во напад каде правевме премногу технички грешки кои резултираа со брз гол на ривалот. Да бидам искрен, не сум задоволен од многу работи. Првпат кажувам дека сум разочаран по еден натпревар, за тоа како го испочитуваа играчите она што беше договорено пред натпреварот. На претходниот дуел со Војводина бев задоволен од одбраната, но сега ако не беше Борко Ристовски и нивните промашени зицери, натпреварот лесно можеше да биде во корист на Нексе. Немаме многу време за анализа, жал ми е што победивме, а ќе си одиме дома малку разочарани. Сепак на секоја победа треба да се гледа од позитивната страна и утре со ладни глави ќе анализираме што беше добро, а што лошо и подготвени ќе заминеме за Порто“ – изјави тренерот на Вардар.

Се вчитува...