Алушовски: Работник има квалитет, треба само да се смени пристапот

Стевче Алушовски и официјално беше претставен како нов тренер на Работник, наследувајќи го на оваа функција Ѓорѓе Чирковиќ. Српскиот стратег си замина по катастрофалниот пораз на домашен терен од Татабања, а изборот на управата на битолскиот клуб падна врз долгогодишниот македонски репрезентативец, кој и минатата сезона работеше во Битола, но како предводник на Пелистер.

„За мене е голема чест што добивам шанса да го водам овој тим на Работник. Станува збор за сериозен клуб поставен на цврсти темели и верувам дека со напорна работа ќе успеам да ги оправдам очекувањата и да ги реализирам зацртаните цели. Без оглед на последниот неуспех,верувам дека мојот претходник одлично си ја вршеше работата и дека на располагање ќе имам тим што е добро подготвен и на тактички и на физички пласн. Вечерва ќе го одржам првиот тренинг со тимот, но она што можам да го кажам и што категорично го тврдам е дека Работник со овој играчки кадар никогаш не смее да губи со десет гола разлика. Мој став е дека Работник поседува значителен квалитет, со репрезентативци и ракометари со искуство од Лигата на шампионите, се што треба да се стори е да се смени пристапот и „матрицата“ – да се разбере дека ЕХФ Купот сепак е многу посериозно натпреварување од домашната Супер-лига“ – истакна Алушовски за ЕКИПА.

Новиот стратег ќе дебитира на клупата на битолскиот клуб на саботното гостување против Нексе, а амбициите на Работник се јасни – битка за второто место во домашното првенство.

„Секоја тренерска смена е своевидна „шок-терапија“ за екипата, иако немам доволно време очекувам сепак моето доаѓање да остави трага врз играта и залагањето на дуелот со Нексе. Зацртаните цели на клубот се добро познати уште од стартот на сезонава, јасна е желбата да се стигне до второто место, пред тимот на Металург. Тоа нема да биде нималку лесно, можеби ќе звучи како клише, но ние нема да се залетуваме, туку ќе одиме натпревар по натпревар, ќе настојуваме формата да ни се движи во нагорна линија и да играме најдобро токму во клучните натпревари во завршницата од сезонава“ – изјави Алушовски.

Се вчитува...