Алушовски: Сакам Македонија да игра на СП, но ќе бидам среќен и да ги имам нашите ракометари на подготовките за „пеколот“ кој не чека

Вардаровите ракометари ги стартуваа подготовките за вториот дел од сезоната. Стратегот Стевче Алушовски ja имаше првата прозивка во 2021 година но без ракометарите кои се дел од своите репрезентации во овој предмундијалски период.

Алушовски пред стартот на подготовките потенцираше дека секако сака Македонија да добие шанса да игра на Светското првенство во Египет, но ќе биде среќен и доколку ги добие ракометарите кои недостасуваат на своите подготовки за оној пеколен февруари кој ги очекува „црвено-црните“.

„Пред стартот на новата полусезона имаме краток период за подготовки она што не очекува за оној густ распоред во февруари и за се што не очекува до крај на сезоната. Ни недостасуваат седум ракометари кои се отсутни поради репрезентативните обврски, а Кристијан Дисингер се враќа во четврток кај нас затоа што нема да биде во ростерот на Германија на Светското првенство. Жал ми е за него што ќе биде така, но среќен сум што ќе биде со нас на подготовките. Нашите македонски репрезентативци, Стоилов, Мишевски, Димитриовски, Талевски, исто така ќе отсуствуваат од подготовките. Ќе кажам дека сакам македонската репрезентација да добие шанса да игра на СП, но условено е се. Ќе бидам среќен ако ги имам на подготовките сите оние ракометари кои ни недостасуваат, затоа што имаме навистина краток период за подготовка за се она што не очекува од февруари. Ќе отсуствува и Чупиќ најмалку до 28. јануари. До 4. март, практично ние ќе одиграме 11 натпревари, ќе биде пеколно и затоа ќе биде неопходно секој од нас да го даде максимумот за да го оствариме зацртаното“ – вели Алушовски.

Се вчитува...