Американец славеше во Русија: Чемблис е новиот „господар“ на Казан

Американецот Кирби Чемблис се враќа од Русија со победа, која доаѓа како втора во низата откако пред само три седмици славеше во Будимпешта. Двократниот шампион на светското првенство Red Bull Air Race овој пат триумфираше во Казан на првата трка што некогаш се одржала во Русија. Во денот во кој пилотите од Северна Америка беа исклучително успешни, Канаѓанецот Пит Меклиод беше втор, додека Американецот Мајкл Гулијан беше трет.

Променливите временски услови кои се сменија од величенствени до депресивни, сепак не ја спречија возбудата за 90-илјадната публика која ја следеше акцијата за време на викендот. Сепак, се чини дека тие влијаеја на конечните резултати во трката, по што изгледот на табелата сега ветува отворена борба за светската титула на само три трки до крајот. Фаворитите како Јошихиде Муроја од Јапонија, Мартин Шонка од Чешка, па дури и актуелниот бранител на светскиот наслов, Матијас Долдерер, беа елиминирани во првата фаза кога ги загубија директните дуели при врнежливо време.

Во финалната рунда на четирите најдобри пилоти, Чемблис се појави прв на патеката и постави време од 58 секунди и 378 илјадити делови од секундата, за што подоцна изјави дека не очекувал да биде толку брз и во граници на рекордот на патеката што Питер МекЛиод го постави во квалификациите. Сепак, брзиот Канаѓанец во трката заработи казна од две секунди, па не можеше да го стигне Чемблис. Ниту третопласираниот Гулијан, ниту четвртиот Копфштајн не можеа да направат ништо. За Меклиод ова беше трет подиум во 2017 година, додека за Гулијан прв по пауза од осум години, поради што беше во еуфорија.

Kirby Chambliss of the United States (C) celebrates with Pete McLeod of Canada (L) and Michael Goulian of the United States (R) during the Award Ceremony at the fifth round of the Red Bull Air Race World Championship in Kazan, Russia on July 23, 2017.

Сите пилоти беа заинтересирани да освојат поени на првата трка во Русија, но Чемблис го задржа за себе „лавовскиот дел“ од нив и изби на врвот во генералниот пласман за прв пат по пауза од 11 години, односно од 2006 година, кога последен пат ја освои титулата. Американецот има 40 поени и сега има само еден поен предност во однос на Муроја и Шонка, кои го делат второто место со по 39 поени. Канаѓанецот МекЛиод кој покажа забележителна конзистентност сега е на четвртото место со 38 поени, што укажува дека борбата за светската титула на последните три трки ќе биде комплетно непредвидлива.

„Безгрешното летање ќе ви донесе пласман, а тоа е она што јас се обидувам да го направам. Целиот тим ми помага во барањето на идеалните линии, како и со стратегијата за сетирање на авионот“,- изјави Чемблис кој е единствен пилот што е се уште активен иако учествувал на првата трка од ова светско првенство во 2003 година. – Првиот дел од сезоната беше проблематичен, но секогаш се фокусирам само на една трка. Ако продолжиме да освојуваме победи, ќе ја освоиме и титулата. Искуството во Русија беше чудесно!

Следен настан во светското првенство Red Bull Air Race ќе биде враќањето на долгоочекуваната трка во Порто, закажана за 3 септември во Португалија, која е шеста станица во календарот за 2017 година.

Резултати (Казан 2017): 1. Кирби Чемблис (САД), 2. Пит МекЛиод (Канада), 3. Мајкл Гулијан (САД), 4. Петр Копфштајн (Чешка), 5. Хуан Веларде (Шпанија), 6. Мат Хол (Австралија), 7. Франсоа Ле Вот (Франција), 8.Кристијан Болтон (Чиле), 9. Мартин Шонка (Чешка), 10. Матијас Долдерер (Германија), 11. Николас Иваноф (Франција), 12. Микаел Бражо (Франција), 13. Јошихиде Муроја (Јапонија), 14. Петар Подлуншек (Словенија).

Табела (по 5 од 8 трки): 1. Кирби Чемблис (САД) 40 поени, 2. Јошихиде Муроја (Јапонија) 39 поени, 3. Мартин Шонка (Чешка) 39 поени, 4. Питер МекЛиод (Канада) 38 поени, 5. Петр Копфштајн (Чешка) 30 поени, 6. Матијас Долдерер (Германија), 7. Мајкл Гулијан (САД) 23 поени, 8. Хуан Веларде (Шпанија) 21 поен, 9. Мат Хол (Австралија) 16 поени, 10. Николас Иваноф (Франција) 14 поени, 11. Петер Подлуншек (Словенија) 12 поени, 12. Макаел Бражо (Франција) 9 поени, 13. Франсоа Ле Вот (Франција) 8 поени, 14. Кристијан Болтон (Чиле) 7 поени.

Се вчитува...