Анчелоти: Морам да бидам искрен, Реал го одигра најлошиот натпревар досега

Карло Анчелоти жали што сега ќе следи двонеделна пауза за клупскиот фудбал, бидејќи играчите на Реал Мадрид нема да добијат шанса брзо да се рехабилитираат и да ја поправат лошата слика која денеска ја оставија на гостувањето во Барселона.

„Кралевите“ загубија од Еспањол со 2:1 и го претрпеа првиот пораз во новата натпреварувачка сезона во домашното првенство, но истиот беше втор во низа кога ќе се земе во предвид и шокантниот неуспех на мечот со Шериф Тираспол во Лигата на шампионите.

Дон Карло беше искрен и призна дека неговиот тим го одиграл најлошиот меч досега и заслужено останал без бод, а единствено нејасно му е како толку многу се промени ставот на тимот во период од само една седмица. До минатата недела, Реал имаше исклучително добар старт на сезоната, но ремито со Вилјареал и поразите од Шериф и Еспањол му оставија горчлив вкус пред паузата поради репрезентации.

„Се согласувам со јавноста, игравме многу лошо. Нема што многу да се додава. Немавме мир во играта и бевме конфузни. Не бевме добро позиционирани во одбрана, но и без топка во нозете. Мора да бидам искрен после вакво издание. Ова беше нашиот најлош меч од стартот на сезоната. Ќе го искористиме овој репрезентативен период за да направиме анализа, најмногу ме чуди како го променивме ставот и пристапот во оваа последна недела. Заслуживме да загубиме од Еспањол, имавме реакција, но тоа веќе беше предоцна. Два порази во низа не е одлика за Реал Мадрид и мора да го искористиме овој период за корекција“, изјави Анчелоти.

Се вчитува...