Реал Мадрид отиде на плус десет на првенствената табела по вчерашната победа над Мајорка и потврди дека игра во извонредна форма, но за разлика од шпанските медиуми кои веќе му ја препишуваат титулата на „кралскиот клуб“, Карло Анчелоти е максимално претпазлив.
Доколку го освои трофејот на крајот од сезоната, Дон Карло ќе стане првиот тренер во историјата кој ги освои титулите во петте најсилни лиги во светот, но иако шансите да се случи тоа се огромни, Италијанецот смета дека ништо не е завршено и посочи фудбалски пример кој го искуси на своја кожа.
Анчелоти вели дека ништо не зема „здраво за готово“ по големото финале во Лигата на шампионите од 2005-та година, кое го научи дека во фудбалот ништо не може да се смета за завршено, додека навистина не дојде до тоа.
„Дали може да се загуби титулата по 10 бода позитива? Загубив во финале во Лигата на шампионите на кое на полувреме водев 3-0. Ми се случи такво нешто и не сакам да се повтори. Кога ќе доживеете такво нешто, различно гледате на работите во фудбалот“, изјави искусниот Анчелоти.
Реал Мадрид со триумфот над Мајорка стигна до четврта победа во низа во Ла Лига, а претстојниот викенд на програмата е големото „Ел Класико“ дерби со Барселона кое се игра на „Сантијаго Бернабеу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА