Анчелоти против традицијата: Ниту еден селектор странец не станал светски шампион!

СП 2026 и официјално ќе стартува в четврток со дуелот Мексико – Јужна Африка, со што ќе почне фудбалската треска што ќе трае се до 19 јули.

Меѓу главните фаворити за највисок пласман на мундијалите вообичаено е и Бразил, а „кариоките“ овојпат имаат и сериозен адут на клупата – Карло Анчелоти беше доведен на кормилото токму за да биде остварен врвен резултат.

Легендарниот стратег на Милан, Баерн, Реал Мадрид… е свесен за предизвикот пред него, a Дон Карло против себе ќе ја има и традицијата која вели дека ниту еден странски тренер не успеал да стигне до титула на еден фудбалски мундијал. Бразил досега има пет светски титули освоени со пет различни селектори, но сите пет биле Бразилци.

Уругвај беше прв светски првак предводен од Уругваецот Алберто Супичи во 1930 година, по што следеа две титули на Виторио Поцо со Италија. Уругвајците стигнаа до нова титула во 1950 со нов домашен стратег на кормилото, Хуан Лопез Фонтана.

Сеп Хербергер ја предводеше Германија до тронот на СП 1954, а Бразил стигна до првата титула предводена од Висенте Феола во 1958. „Кариоките“ беа светски прваци и четири години подоцна, со Ајморе Мореира како селектор.

Алф Рамзи ја предводеше Англија при единствената титула на „гордиот албион“ во 1966, а четири години подоцна на тронот се врати Бразил, со Марио Загало како селектор. Германија беше предводена од Германецот Хелмут Шон при титулата на СП 1974, додека Аргентина стигна до првата светска круна предводена од Цезар Луис Меноти.

На СП 1986 во Мексико шампион стана Аргентина предводена од Карлос Билјардо на клупата, додека Франц Бекенбауер ја предводеше Германија до титулата во 1990 година.

Карлос Алберто Пареира беше селектор на Бразил при триумфот на СП 1994, додека Еме Жаке е стратегот што за првпат ја искачи Франција на врвот на светскиот фудбал. Бразилцитте последнаа титула ја освоија во 2002 предводени од Сколари, а четири години подоцна со титулата се закити Италија, со легендарниот Марчело Липи на клупата.

Висенте дел Боске беше на кормилото на Шпанија при освоената титула на СП 2010 во Јужна Африка, четири години подоцна Јоаким Лев ја предводеше Германија до титулата, а во 2018 Дидие Дешамп беше стратегот што го врати златото на Франција.

Серијата продолжи и на последниот мундијал, оној во 2022 година кога Аргентинецот Скалони ја предводеше својата национална селекција до тронот на СП во Катар.

Се вчитува...