Анчелоти: Уште сум млад за да станам селектор

Италијанската Фудбалска Федерација ја продолжува потрагата по нов селектор, но Карло Анчелоти дефинитивно нема да биде наследникот на Џанпјеро Вентура на кормилото на „аѕурите“. Ова денеска го соопшти самиот Анчелоти, посочувајќи дека ангажман на клупски план е негов приоритет за наредната сезона.

Пред се, сега нема да водам официјални разговори со никого бидејќи сакам до крај да го испочитувам договорот со Баерн Минхен, иако ми беше врачен отказ. Точно е дека постоеше првичен контакт со Италијанската Фудбалска Федерација, на што учтиво им се заблагодарив и им соопштив дека моја амбиција се уште е водење на некој клуб, а не на репрезентација. Се уште сум млад за да бидам селектор, сакам да продолжам со работа во некој клуб, има време за да седнам на клупата на националниот тим. Го видовте примерот на Конте, беше селектор, но му недостигаше интензитетот на клупскиот фудбал и си замина за да потпише со Челси“ – изјави Анчелоти.

Екс-тренерот на Милан е отворен за евентуален камбек во својот поранешен клуб, но тврди дека засега немал никаков контакт со новото раководство на „росонерите“.

Италија е мојата татковина и секако дека би се вратил назад. Милан е голем клуб, но наспроти шпекулациите на медиумите никогаш не сум се сретнал со новото раководство. Јувентус? Имам голем респект за Андреа Ањели, но не можам да одам против своето минато. Во Италија можам да работам само во Милан или во Рома“ – порача Карло Анчелоти.

Се вчитува...